ВМРО-ДПМНЕ за соработката со инкриминираниот Милески: Тогаш за него не се водеше никаква судска постапка

by fokus

Откако во јавноста излегоа снимени разговори од средби на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со Зоран Милески – Кичеец, од партијата повеќе пати повторија дека на тие снимки нема ништо, како што велат, инкриминирачко.

„Фокус“ на денешната партиска прес конференција постави прашање зошто за освојување повеќе гласови на избори лидерот на партијата  соработува со инкриминирани личности како Зоран Милески, сега веќе осуден за случајот „Рекет“. Од снимките може да се слушне дека Мицкоски договара соработка со Милески за добивање повеќе гласови за предвремените локални избори во Охрид, кои лани се одржаа заедно со претседателските избори.

Портаролот Димче Арсовски вели дека во моментот на средбата, Милески не бил осуден и дека за него во тој момент не се водела никаква судска постапка.

-Како што можеше да се види и да се чуе во јавноста од страна на медиумите тогаш во тој момент кога се случила средбата Зоран Милески – Кичеец за него не се води судски случај, не се води буквално никаков судски случај и тој тогаш не е осуден. Но, имаше и од страна на претседателот Мицкоски веќе и јавно дадена изјава дека тој се среќава со слободни граѓани буквално со сите кои што ќе сакаат да го сретнат.
Од она што можам да кажам околу соработките на лидерите со овој лик, морам да потенцирам дека тоа јасно се гледа од изборниот резултат во Охрид и практично сега уште еднаш повторно истиот тој лик Зоран Милески си ја одработува слободата дадена од Зоран Заев, иако веќе претходно осуден на неколкугодишна казна, вели Арсовски.

К.С.

 

Поврзани новости