Знаеле за случувањата на Онкологија со кои се загрозени човечки животи, а молчеле, им требаше многу време за да почнат предистрага, изјави д-р Лазо Јовчески, член на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека одговорност за овие монструозни постапки мора да има и ќе има, и кривична и политичка.
-Здравството го тресат скандали седум години. Последниот скандал со трговија со цитостатици на Клиниката за Онколигија е шокантен. Од една страна ни нудеа билборди за европско и бесплатно здравство, а од друга страна гледаме мафија во здравството, изјави Јовчевски.
Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ пред отприлика две години предупреди за ова што денес е актуелна тема, а од пред околу шест месеци и медиумите почнаа да се занимаваат со темата.
-Значи на МВР и министерот Оливер Спасовски им требаше многу време да реагираат и тоа само со предистрага. Потенцираме, иако знаеле за случувањата ништо не презеле. Разрешување директор на Клиниката не е мерка, а во случајов само тоа го видовме. Освен замајување на јавноста, нема мерки со кои треба да се спречат ваквите случаи кои како последица може да имаат и губење човечки животи, изјави Јовчевски.
Според него токму оваа влада на СДСМ и ДУИ ветуваше живот, а испорача само човечки несреќи.
-Оваа Влада на СДСМ и ДУИ вети децентрализација на третманот за овие пациенти, а истиот е максимално централизиран. И гледаме како наместо да ги лечат најтешко болните, ги крадат со години. Дополнително, но многу важно е прашањето зошто доколку се грижеле за оваа категорија пациенти и по седум години владеење не се ставени во функција акцелераторите кои беа набавени пред 2017 година. Зошто и по 10 промоции не работи акцелераторот во Градската општа болница 8-ми Септември? Зошто не е во функција ниту акцелераторот во Битола?, изјави Јовчевски.
Според него за ова злодело мора да се одговара, и да се даде одговор кој ќе одговара со име и презиме за ваквиот третман на онколошките пациенти.
-Кој дозволил незаконско и неуставно делување во третманот на пациентите наспроти уставно загарантираното право на здравствена заштита на секој пациент? Зошто најсовремената онколошка терапија не е на позитивна листа за која четворица министри од Владата на СДСМ и ДУИ не мрднаа со прст? Во чии џебови се украдените пари и дали има лоцирана одговорност? Точни ли се наводите и цифрите од стотици евра кои се споменуваат во јавност, а им се бараат на пациенти со малигни заболувања за одредени дијагностички процедури неопходни за натамошен третман? Дали последната акција е уште еден обид за замајување на јавноста? Одговорност за овие монструозни постапки мора да има и ќе има. И тоа и кривична и политичка одговорност, изјави Јовчевски.