Во услови кога државава е 111-то место на скалата за корупција и најкорумпирана во Европа, кога се прават списоци за помилување по партиска желба на власта и кога власта со истите свои инсталации во судството не реагира за ниту една афера и криминал, евтин е театарот кој што денес го изведува Маричиќ и СДСМ, партија која ја раководат корумпирани политичари и е во нераскинлива врска со криминалот, се наведува во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ денес објави дека одлуката на Апелациониот суд во Скопје да го пушти од притвор Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите.
-Потсетувам дека Мијалков беше лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност. Судиите на Апелациониот суд во Скопје Ѓоко Ристов и Енвер Беџети кои ја донесоа оваа одлука треба да и објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по која основа судиите ја донеле оваа одлука, напиша Маричиќ.