Додека се очекуваат исходот и заклучоците од денешниот состанок на централното претседателство на Демократската унија за интергација (ДУИ), од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ДУИ во моментот е во заложништво на мала група бандити во врвот.
Од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението велат дека ставот и принципите на претседателот на партијата, Христијан Мицоски, се секогаш да ја кажува вистината и информациите кои се од важност за јавноста да ги споделува со неа.
„Претседателот Мицкоски низ годините постојано најавуваше и предупредуваше за повеќе нешта кои подоцна се случија, како што беа Преспанскиот договор, Францускиот предлог или пак разликата на изборите, што се покажа како точна со добиени над 500 илјади гласа за ВМРО-ДПМНЕ и предност од над 150 илјади гласа во однос на СДС. Истото се потврди и за локалните избори, како и за многу други прашања кои Мицкоски ги најави. Предупредуваме дека сето ова што го прават СДС и ДУИ ќе се случува, бидејќи точно знаеме дека според нив тоа е единствениот начин да се обидат да се заштитат себе си и стекнатото богатство од криминалот што го правеа со години и децении, злоупотребувајќи позиции на власт и моќ, како и доверба од граѓаните“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму порачуваат дека нема да дозволат „една криминална банда“ да ја киднапира иднината на сите граѓани и да подбуцнува тензии во државата затоа што не е на власт и треба да се соочи со правда.
„Македонија е членка на НАТО и е демократска држава во која мора да владее правото. Колку побрзо ДУИ се соочи со тоа и се реформира, толку побрзо Македонија ќе оди напред кон ЕУ. ДУИ во моментот е во заложништво на мала група бандити во врвот, а Ахмети од национален лидер на Албанците во Македонија прераснува во најголем заштитник на криминалот во Македонија“, се наведува во соопштението.