По серијата домашни и меѓународни реакции, се огласи и владејачката партија на Никола Груевски. ВМРО ДПМНЕ не сака да се вовлекува во судски постапки кои немаат врска со партиското делување, но повикаа судовите да проверат процедурата во случајот и на јавноста да и објаснат врз што ја темелат пресудата.
„Апелираме до повисоките надлежни судски инстанци, врз основа на законската регулатива, да ја проверат процедурата во случајот со новинарот Кежаровски и секоја своја одлука пред јавноста да ја објаснат на што ја темелат, со цел да се спречи шпекулирање и манипулација со јавноста од страна на одредени општествени субјекти, а посебно од страна на политички партии.
Опозицијата мора да престане со дивеење и ширење закани и омраза, поттикнати од лични цели, а најмногу заради фактот дека никој не ја гледа како алтернатива, најмногу поради нивната деструктивност, хаотичност и фрустрациите кои се основа на нивното делување.
ВМРО – ДПМНЕ не сака и нема да се вовлекува во постапки и одлуки кои нема никаква врска со политичките партии.
ВМРО – ДПМНЕ, како и во сите досегашни случаи, остава судските инстанци да делуваат строго според закон и процедури, без да дозволат било каков притисок.“- стои во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.