Денешната прес конференција на СДС е последица на хаотична загриженост поради најавената смена на раководствата на МЕПСО и ЕСМ и ревизијата на нивната работа. Не е проблемот Сања Божиновска туку фактот што СДС и ДУИ 7 години полнеа џебови од криминалот во МЕПСО и ЕСМ, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на СДСМ дека министерката за енергетика, Сања Божиновска била основач и управител на фирма која должела 1 милион евра кон МЕПСО.
-Денешните прес конференции се лицемерни, најмалку поради два аспекти. Првиот, кога тоа долг на компанија е кривично дело? Второ, СДС имаше 7 години апсолутна власт со ДУИ. Ако имало криминал тогаш што правела СДС? Јасно е дека СДС е директно засегната од смените во МЕПСО и ЕСМ, затоа тие се занимаваат со лажни и подли кампањи со кои оцрнуваат луѓе кои чесно работат. Во отсуство на идеи, обременети со внатрешни проблеми и расколи, СДС која имаше 7 години власт не успеа да докаже ништо, и сега со маалски прес конференции, редовно во прашална форма се трудат да привлечат внимание, се вели во реакцијата.