СДСМ и Стефан Богоев немаат ни срам ни перде кога говорат за младите, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешниот настап на Стефан Богоев кој ја обвини власта дека не се грижи за младите.
-Токму во време на владеењето на СДСМ младите беа оставени без никаква перспектива, нивните родители беа оставени на работ на егзистенцијата бидејќи 200 000 од нив останаа без работа благодарение на криминалната приватизација која ја спроведе неговата партија. Младиот Богоев, доколку не се сеќава нека ги праша Радмила Шекеринска и Зоран Заев кој проект го спроведе СДСМ за младите во време на нивното владеење. Одговорот е голема нула, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија додаваат дека изминативе неколку години Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ спровела низа проекти и мерки во корист за младите и тоа: намалена партиципација за упис на факултет од 800 евра на 400 евра, бесплатно средно образование, безплатен превоз и сместување во ученичките домови за средношколците, превод на 1000 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на најреномираните универзитети во Сад и Англија.