ВМРО-ДПМНЕ денеска упати критики до Владата за нетранспарентност околу договорот за добрососедство со Бугарија порачувајќи и дека не смее да склучува договори, како што наведува во соопштение, на штета на македонската држава и народ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, на околу месец до потпишувањето на договорот со Бугарија, премиерот Зоран Заев одбива да ги запознае македонските граѓани, одвивајќи го целиот процес нетранспарентно, без да ги консултира експертите и граѓаните преку дебати и јавни расправи, како што ветувал дека ќе прави за секое позначајно прашање.
– Заев многу одамна рече дека е спремен да ја свитка кичмата на Mакедонецот, за сега тоа го гледаме на дело. Заев од Софија ја обвини Македонија дека ширела национализам и омраза, но не најде ниту еден збор да го осуди национализмот на Божидар Димитров насочен против нашата држава, кој кажа дека македонскиот јазик е бугарски дијалект и дека исполнувањето на договорот кој Заев го усогласил ќе значи крај на македонизмот. Што содржи договорот со Бугарија, што според Димитров би значело крај за македонизмот. Што знае Димитров, а македонските граѓани не знаат? Што крие Заев од граѓаните, што толку ги возбудува бугарските националисти, кои се воодушевени од изјавите на Заев дека бугарскиот и македонскиот народ се исти – се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.