ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ го уназадува образованието со одлуката да скрати 1,5 милијарди денари од буџетот

by fokus

„Владата на СДС не е реформска, туку антиреформска. Владата на СДС наместо развој, носи уназадување на сите општествени сфери, а особено на образованието.

По само еден месец на власт, Зоран Заев и Рената Дескоска одлучија да скратат буџетот наменет за образование за 1,5 милијарди денари.

ВМРО-ДПМНЕ од 2006-та година до денес во континуитет го зголемуваше буџетот за образование, за од некогашните 13 милијарди денари во време на СДС, да дојде на годинешните 25 милијарди денари, средства кои подеднакво се инвестираа за развој на сите образовни сегменти, за сега, да гледаме кратење по сите основи.

Граѓаните треба да знаат дека СДС и Заев со ребаланс на буџетот скратија пари за изградба на основни училишта, за средни училишта, за спортски сали, за опремување на училници, за изградба на факултетски објекти, за поддршка на Универзитети, и за многу други суштински работи

СДС крати дури 237 милиони денари кои беа обезбедени за опремување на училиштата со современи интерактивни училници.

Срамно е да ветуваш квалитетно високо образование во време на избори, а кога си на власт да кратиш цели 35 милиони денари наменети за превод на современа стручна литература од светски познати автори.

Ова е вистинското лице на СДС, кратење, укинување и блокирање. За СДС, доброто и интересот на граѓаните и државата никогаш не биле на прво место. Секогаш во преден план им е сопствениот комодитет и затоа одвојуваат пари за полнење на нивните трпези со морски плодови, а немаат пари за студентски домови, за изградба и реконструкција на училишта, изградба на спортски сали и превод на книги“, изјави Ирена Попова од ВМРО ДПМНЕ.

Поврзани новости