Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој, меѓу другото, ги коментира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ и власта дека тие ја зголемуваат поддршката, додека падот на СДСМ продолжува.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Во последното интервју за „Фокус“, Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ расте, а СДСМ дополнително паѓа. Вие, пак, го тврдите обратното. Дали и вие правите анкети и што ги покажуваат тие?
ФИЛИПЧЕ: Не се потребни анкети за да се почувствува општото незадоволство од првите два месеца на владата. Доволно е да поразговарате со луѓето во најблиското опкружување и ќе видите дека речиси и да нема човек што не е разочаран.
Ако веќе зборуваме за анкетите, според нашите анализи, 35 отсто од граѓаните што гласале за ВМРО-ДПМНЕ на изборите, денес не би го направиле истото. Ова е јасен индикатор дека поддршката за владата паѓа.
Некои ќе речат дека можеби е рано, но јас сметам дека не е бидејќи владата јасно го трасираше патот по кој планира да оди. Според мене, владата ги изневери речиси сите клучни ветувања.
Прво, ги разочараа работниците на кои јасно им порачаа дека не се приоритет. Платите со ВМРО-ДПМНЕ нема да растат, додека според нивните економски проекции на БДП, нема да расте ниту економијата.
Истовремено, најавуваат даночен рај за најбогатите компании, политика која е исклучително погрешна и целосно несоодветна за 2024 година. Таа носи и ризици по меѓународните финансиски рејтинзи на државата.
Ако на ова се додадат огромните задолжувања, но и поскапувањата, кои владата нема намера да ги контролира и амортизира, јасно е дека животниот стандард само ќе тоне.
Второ, ветуваа професионални кадри и професионализација, а ја добивме една од најлошите кадровски екипирани влади кога било. Да не ги споменувам секојдневните гафови на министрите со кои ја потврдуваат сопствената некомпетентност.
Понатаму, ветуваа дека ќе обезбедат подобри услови во преговорите со Бугарија и промена на преговарачката рамка. Но, не само што нема такво нешто да се случи, туку се отвори уште еден проблем, кој беше затворен, оној со Грција.
Со сите потези на владата, се добива впечаток дека и воопшто немаат интерес да ги продолжат преговорите со ЕУ, а не нудат алтернатива. Нејасниот стратешки правец и ставање на државата во целосно заложништво на Унгарија, укажува на тоа дека Мицкоски и владата имаат сосема други приоритети, но чесно не ги кажуваат.
ФОКУС: ВМРО-ДПМНЕ тврди дека го почитува Преспанскиот договор и дека нема можност за промена на преговарачката рамка, но се противи на уставните измени без одложено дејство, а од тоа зависи почетокот на преговорите со ЕУ. Притоа, премиерот Мицкоски отворено вели дека државата може и самостојно да се развива и реформира. Што мислите за оваа теза? Според Вас, каква е иднината на евроинтеграцискиот процес?
ФИЛИПЧЕ: Јас во неколку наврати кажав дека сум загрижен за намерите на оваа влада во однос не евроинтеграциите. Нејасен е стратешкиот правец и курс по кој тргна државата.
Мојот впечаток по првите месеци владеење е дека тие немаат интерес да ги продолжат преговорите, ниту посериозно да се занимаваат со оваа тема. Ова би било погубно за државата и граѓаните. Ова ќе значи застој, многу нови иселени граѓани и целосна општествена апатија. Држава без јасна стратегија за развој секогаш губи.
Да се потсетиме, ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со ветувањето дека ќе обезбеди подобар договор со Бугарија и нова преговарачка рамка, иако знаеја дека тоа не е возможно. Ветуваа дека никогаш нема да користат Северна Македонија. Ветуваа дека со исправена кичма ќе сме влезеле во ЕУ.
Тие во својата конфузна реторика на оваа тема со која само сакаа да го пребродат периодот на кампањата, придонесоа сега да ги разочараат сите – и оние кои ги лажеа дека Преспанскиот договор не е готова работа, и оние кои ги лажеа дека нема да употребуваат Северна Македонија, но и оние кои потајно се надеваа дека ВМРО-ДПМНЕ сепак по изборите ќе се вразуми и ќе ја заврши работата со преговорите.
Моментално, позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е „ни оди, ни седи“ во однос на ова прашање. Сепак, потезите што ги влечат, како отворање повторно на спор со Грција и заемите од Унгарија, укажуваат дека во заднина владата има сосема други интереси и цели.
ФОКУС: Какви други интереси и цели?
ФИЛИПЧЕ: Јас во јавноста прв алармирав за сериозно застранување на стратешките определби и ќе чекаме да видиме како оваа состојба ќе се развива. Како и да е, во моментов ситуацијата не изгледа добро.
Имаме две отворени прашања, влада што нема јасна стратегија како ќе го откочи процесот, ниту, пак, нуди алтернатива и со тоа состојбата е во статус кво. Искрено се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се вразуми и ќе сфати дека оваа тактика со седење на две столчиња носи само застој и уназадување.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.