И ова утро двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се напаѓаат меѓусебно со различни обвинувања.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува со соопштенијата во кои ја напаѓа власта за Договорот за коридорите со Бехтел и Енка, а во утринското обраќање до јавноста велат дека Ковачевски и Груби ја заглавија Македонија да плати 53 милиони евра еднократно и над 2 милиони секој месец.
-Поминаа 45 дена од потпишување на договорот помеѓу владата и „Бехтел и Енка“, работа на терен нема, но затоа има обврска владата да исплати 53 милиони евра еднократно и над 2 милиони евра секој месец, затоа што потпиша договор со услови кои не може да се исполнат. Штета по буџетот заради Ковачевски и Груби кумулативно за период од 5 години ќе биде над 150 милиони евра. Како што води политика власта, ова нема да биде единствена штета која ќе ја претрпи државата, имено со законските измени кои се туркаат штети по разни основи ќе има многу, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак во првото утринско соопштение го нападнаа градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски за новиот ДУП за населбата Лисиче.
-Преку јавна анкета граѓаните му порачаа на Муцунски дека се против изградбата на 9 висококатници на влезот на населбата Лисиче.
Оттогаш поминаа десетина денови, а Муцунски се уште не ги избришал спорните маркички за градба и наместо да дејствува по гласот на граѓаните, тој шири лажни вести и конструкции.
Наместо да се занимава со продукција на лажни вести и да тера дневна политика, Муцунски веднаш да го повлече спорниот ДУП, а Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи по случајот „Парцели во Лисиче“, велат од СДСМ.