Ахмети ja обвини ВМРО-ДПМНЕ дека во изминатите осум години целата своја кампања ја темелела против Албанците и ДУИ во форма на софистицирана војна, употребувајќи нацистички наратив.
„Не заборавајте дека цела кампања на ВМРО за осум години е спроведена против Албанците преку софистицирана војна против ДУИ и ова не се заборава, тоа не може да се заобиколи бидејќи станува збор за нацистички ставови. Земете ги и другите дадени изјави – против САД, против ЕУ, против НАТО, против договорите за добрососедство. Тогаш, ако е така, ќе видиме како ќе се одвиваат работите понатаму. Ние сме во одбрана на легитимитетот и воопшто не се повлекуваме“, рече Ахмети.
Тој порача дека главна тема за Албанците е заштита на легитимитетот на изборниот процес, притоа додаде дека ова е главната грижа на ДУИ, а не дали ќе биде на власт.
„Денеска темата на Албанците е заштита на легитимитетот бидејќи и најмладите нè прашуваат зошто да излегуваат на гласање кога некој друг одлучува за нивната судбина, за нивното најдемократско право на глас. Ова е нашата грижа. И 80 години да сме во опозиција, и правата на Албанците да одат напред, и да нема Албанци што го предаваат суверенитетот, ова е главното прашање за нас. Не дали ќе бидеме или нема да бидеме и воопшто не се бориме за власт, туку сакаме стабилна, мирна, безбедна и функционална држава со добри меѓуетнички односи“, додаде Ахмети.
Тој денеска најави дека започнуваат битка за почитување на духот на Охридскиот договор.