ВМРО-ДПМНЕ со писмено соопштение реагира на изјавата на министерот за здравство Арбен Таравари.
„Министерот за здравство покажува непознавање на областа за референтните цени на лековите од позитивната листа – за примарна и болничка здравствена заштита која се утврдува согласно законските прописи.
Утврдувањето на референтните цени на лековите се врши според компаративна методологија на Фондот за цени на лекови.
Оваа метологија е воведена уште во 2010 година. Во оваа постапка се споредуваат цените на лековите во нашата држава со цените на истите лекови во државите од регионот: Република Србија, Република Бугарија, Република Хрватска и Република Словенија. Утврдувањето на референтните цени на лековите е транспарентен, динамичен и континуиран процес.
Впрочем ВМРО-ДПМНЕ изминатите години покажа дека стои зад интересите на пациентите и граѓаните. Досега намаливме цени на илјадници лекови со кои на граѓаните им заштедивме огромни суми на пари кои завршуваа во џебот на фармацевтските олигарси. Од 2009 година кога само околу 20% од лекови по генерика за ПЗЗ биле без доплата, во 2016 година околу 75% од вкупниот број на генерики со утврдена референтна цена се без доплата од осигурениците на Фондот или за околу четири пати повеќе лекови без доплата по генерика од претходно.
Патем искажа невистини дека оваа одлука била чувана во министертвото година дена, а вистината е дека Управниот одбор на Фондот ја донел на 26 мај 2017 година.
Оваа денешна одлука ќе покаже за многу скоро дали одново се враќа на голема врата фармацевтската мафија која царуваше во време на претходните владеења на СДС. Со оваа своја одлука Таравари спречи многу нови лекови (генерики) да се најдат на примарната позитивна листа“ се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.