ВМРО-ДПМНЕ реагира на мерките за претпазливост побарани од страна на СЈО порачувајќи дека „лицата од раководството на партијата се луѓе со дигнитет и интегритет кои уживаат голем углед во Македонија и надвор“ така што сите акции што се преземаат кон нив се тенденциозни и политички мотивирани.
„Кривичните постапки на СЈО се тенденциозни и целосно политички мотивирани. Сите акции кои ги превзема СЈО се во насока рушење на угледот на ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство.Барањата за притвор за раководството на ВМРО-ДПМНЕ поднесени до апелација се обид за притисок врз судот да не ги поништи неоснованите одлуки за одземање на патните исправи на истите.
Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да се впушта во бегство, затоа што не сторило ниту едно кривично дело и секогаш работело според Устав и закон.
Лицата од раководството на партијата се луѓе со дигнитет и интегритет кои уживаат голем углед како во Македонија, така и надвор, истите поради својата партиска функција често се на патувања, од почнувањата на постапките против нив до сега биле неколкукратно надвор од државата и ако сакале да избегаат тоа можеле до сега да го сторат безброј пати“, изјави Орце Ѓорѓиевски пред Апелациониот суд.
Според него, на граѓаните и на сите општествени чинители во државата им е совршено јасно дека СЈО работи под директен диктат на СДС.