ВМРО-ДПМНЕ: Сто дена Влада, сто дена дебакл во здравството

by Fokus

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побара оставка од министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи го справувањето со ковид – кризата и состојбата во здравството, воопшто како најголем неуспех во првите сто дена работа на Владата.

-100 дена Влада. 100 дена Филипче министер за здравство. 100 дена 1 400 починати од КОВИД, голем број од кои можеа да бидат спасени, доколку системот кој го менаџира Филипче беше функционален, се истакнува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ исто така посочуваат дека не е реализиран ниту еден капитален проект поврзан со здравство, од ветените нови клинички центри кои ги најавија уште пред 4 години, од најавените 100 000 денари плата за докторите пред една година, нема вакцини за сезонски грип, недостассуваат лекови за ретките болести, а исто така го посочуваат и недостатокот од лекари и друг медицински персонал.

-Македонија со Филипче како министер за здравство најлошо се справува со ковид во регионот. Имаме најголем број починати во регионот, а 7 сме во светот. Нема тестови, се чека и по 10 дена. Нема тераписки протоколи, се лечи на различен начин. Ако има ќе треба да се набави пропишаната терапија, а бидејќи и таа ја нема, нема протоколи. Нема болнички капацитети, поделени за КОВИД пациенти и чисти болници за останатите заболувања. Пациенти чекаат на ред со саати пред болници, примаат инфузии во дворот на клиниките, а други примаат инфузии до починати лица во иста соба. 100 дена Влада, 100 дена дебакл во здравството, велат во ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости