Соопштението на СДСМ за ланските настани во кумановската Дива населба е антидржавно и некрофилско, реагираат од владејачката партија на соопштението од опозициската партија во кое се вели дека Никола Груевски и неговата власт ќе им положат сметка на семејствата на загинатите полицајци, на луѓето чии домови се разрушени, на граѓаните на Куманово и на Р.Македонија.
-Граѓаните не ни очекуваат ништо повеќе од СДСМ кој ниту лани, ниту годинава не собра храброст да изрази достојна почит кон македонските бранители. Заев и Спасовски, неколку часа откако во Дива населба гинеа македонските бранители, додека цела Македонија беше во црно, побрзаа да се смешкаат и да позираат како недоветни, сликајќи се на местото каде своите животи ги положија хероите, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.