Со СДСМ на власт, не може да има добар и квалитетен живот во државата, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако социјалдемократите порачаа дека тие ќе формираат влада согласно волјата на граѓаните искажана на изборите на 15 јули.
–Владата на СДСМ предводена од Зоран Заев во овој мандат не сработи апсолутно ништо. Не успеа да реализира ниту едно ветување кое го имаше во предизборна кампања. Ветуваа живот за сите граѓани, а живот дојде само за лицата блиски до СДСМ. Нема просечна плата од петстотини евра, нема нов Клинички центар, нема 600 километри нов автопат, нема студентски градови, нема просечен раст на економијата од 5% годишно како што ветуваа пред да дојдат на власт, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Двете партии најавуваат разговори за формирање влада, но ниту од една партија досега не потврдија дека формалните разговори се почнати посочувајќи дека има само неформална комуникација. Од СДСМ најавија дека ќе почнат со преговорите по Илинден.