Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ тврди дека децата на кланот Ахмети барале кредит од 35 милиони евра и тврделе дека ќе добијат дозволи и државни финансиски средства. Во соопштение до јавноста од ВМРО-ДПМНЕ велат дека кланот Зајас го сочинуваат најблиски роднини на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Постои основан сомнеж дека благодарение на политичката позиција на Ахмети во власта овој клан енормно се богати. Последниот од низата скандали за овој клан сочинет од Шкумбин, Дрин и Бесијан Ахмети е изградбата на фотоволтаична централа од 60МW во Кичево, вредна 35 милиони евра. Овие луѓе, за кои нивни сограѓани тврдат дека до пред некое време едвај преживувале сега станаа главни акционери, инвеститори, иноватори и претприемачи во Македонија, додека стотици илјади други граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби и останати едвај врзуваат крај со крај во месецот“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија тврдат дека децата на Ахмети формирале компанија „Хелиос“ и побарале кредит од една банка за изградба на фотоволтаична централа за која навеле дека имаат дозвола од страна на државните институции и дека веќе договориле и државни средства за јавно приватно партнерство за централата.
„Ова значи дека кланот Зајас обезбедил барем усмена гаранција од страна на власта на премиерот Димитар Ковачевски дека нивниот бизнис ќе биде реализиран, а според информациите од свиркачи и со финансиска помош од државата. Ковачевски треба да излезе и да каже, доколку се охрабри, дали компанијата на кланот Зајас, односно децата на Ахмети добиле гаранција за дозвола за изградба на 60МW фотоволтаична централа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ го повика премиерот Ковачевски да каже дали тој или кој било друг од власта разговарал со кланот Ахмети за државни средства за изградба на фотоволтаична централа преку јавно приватно партнерство.
„Знаеме дека Ковачевски е кираџија во владата и дека секој став му зависи од тоа дали ќе му го дозволат газдите од Зајас, но очекуваме дека барем овојпат ќе се охрабри и ќе излезе во јавноста со конкретни одговори. Криење зад флоскули или дефокусирање со стари теми нема да му помогнат. Криминалот и корупцијата на луѓето блиски до владата на СДС и ДУИ е епски и затоа мора да има одговорност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.