Илија Димоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа пресконференција по повод предлог-законот на неговата партија и на ДУИ за воведување мораториум за објавување на прислушуваните разговори на која рече дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дал збор пред амбасадорите од САД и ЕУ и претставниците од политичките партии дека до 20-ти октомври во Собранието ќе биде донесен ваков закон.
-Секој обид на СДСМ да го демантираат својот претседател е нивна внатрешна работа. Но обврската е преземена од претседателот на СДСМ и сметаме дека треба да се почитува. Неточни се тврдењата дека некој се плаши или бега од овие материјали. Целта е да се забрани нивна злоупотреба, да се заштити правниот поредок и да се заштитат оние граѓани кои можат да бидат уценувани, да бидат присилувани или да бидат под закана. Намерата е да се заштитат човековите права, изјави Димоски.
Тој демантираше дека со овој предлог-закон ВМРО-ДПМНЕ ја признава автентичноста на снимените разговори и повтори дека тие се креирани, сечени и монтирани.