Нема поголем акт на партизација на државата од тоа на Уставен суд, кој е столб во една држава, заштитник и чувар на Уставот да сакаш да поставиш поранешна пратеничка, партиски функционер и актуелен генерален секретар на собранието од редовите на СДСМ, како Цветанка Иванова за Уставен судија, реагира ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата обвинуваат дека со овие назначување Заев од судот прави форум на пензионери на СДСМ.
-Како ќе зборува СДСМ за независност и департизација кога за Уставен судија ја предлагаат Цветанка Иванова, висок партиски функционер повеќе од една деценија? Иванова не само што делеше функции со Заеви, таа делеше и тендери. Зоран Иванов, син на Цветанка, кој е сопственик на фирмата „ДИКОР ЦД“ ДООЕЛ Струмица, е и бизнис партнер на Трајче Заев во фирмата „ОМНИ ГРАДБА“ ДОО Струмица која се занимава со градежништво, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Фирмата „ДИКОР ЦД“ ДООЕЛ Струмица, доби тендер во висина од 300.000 евра од Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта за Извршување на патни работи во зимски услови, и тоа за територија на подрачјето на Штип за сезоната 2019-2020 година, додаваат од опозицискта партија.
Вчера на собраниската комисија за избори и именувања требаше да се утврдат кандидатите за уставни судии, но седницата беше прекината. Претседателот на комисијата, пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ ги обвини колегите од ВМРО-ДПМНЕ дека ја попречиле работата на комисијата и дека недоволно ги познаваат процедурите за избор на уставни судии.
Собранието треба да избере тројца уставни судии, за што во Уставот како единствен критериум е посочено дека треба да бидат истакнати правници.