Приврзаниците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои денеска протестираа пред Министерството за здравство и побараа оставка од министерот за здравство, Венко Филипче со балони со вода фрлија кон зградата за, како што рекоа, да го измијат срамот на власта.
-Наместо да влезат во хеликоптерот и да одат по белиот свет да најдат вакцини за нашите сограѓани тие одат за да си прават ПИ-АР и промоција, но за жал, друго не знаат. Ме јаде исто така срам, затоа што имаме над 3.800 починати, а одговорност нема. Исто така ми е срам што Комисијата, која што треба да се грижи за здравјето на граѓаните, вели не се потребни дополнителни мерки бидејќи вирусот е премногу раширен, изјави на протестот претседателот на Градскиот комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски.
Тој ги повика насобраните демонстранти да дадат аплауз за министерот за здравство на Република Србија поради тоа што обезбедил над 50 илјади вакцини за Македонија.
-И како што го поздравивме српскиот министер за здравство, да го поздравиме и нашиот министер за здравство и провизија. Убијци се оние луѓе кои што, кога во државата починуваат 50 луѓе одат како севернокорејци со хеликоптер да се шетаат низ државата, истакна Нелоски.
На протестот имаше неколку говорници и сите побараа одговорност од власта за недстатокот на вакцини и како што рекоа, лошото справување со пандемијата.