Опозициската ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека доскорешниот премиер, Зоран Заев е виновен заради тоа што земјава не добила датум за почеток на преговорите, но велат дека се уште не го виделе официјалниот извештај на ЕК за да може да коментираат детали.
-Зоран Заев и СДСМ, како и сите негови функционери опкружени со криминали во изминатите години, се виновни за тоа што не добиваме датум за почеток на преговорите. Сите реформски закони што беа за доброто на граѓаните и кои беа побарани од ЕУ, а за кои ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека треба да се изгласаат, ги изгласавме, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој ги наброи сите закони кои беа изгласани со нивна поддршка, но порача дека Законот за јавно обвинителство бил донесен на сила, за да се амнестира криминалот на СДСМ.
Арсов денеска го критикуваше Заев за проектите коишто ги најавуваше и рече дека сите социјални проекти кои ги најавувал биле лажни ветувања.
-Ако земеме во предвид дека Зоран Заев ветуваше просечна плата од 500 евра, плата за докторите од 100.000 денари, плата за медицинските лица 50.000 денари, минимална плата од 16.000 денари, јасно е според ова што не е остварено овој период, јасно е дека Зоран Заев се што вети денеска во делот на социјални проекти, нема да реализира апсолутно ништо и сето она што го говореше денеска се само лажни ветувања, како и се останато од паушални зборови исфрлени од ракав, рече Арсовски.