Петре Шилегов со еден потпис одлучи да ја урне Универзална сала. Најнеспособниот градоначалник на Скопје ќе ја урива салата која буди спомени на илјадници скопјани, реагира во соопштение до јавноста советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, откако Градот распиша конкурс за избор на идејно решение за мала отворена сцена со парк, на местото на Универзална сала.
-На само неколку дена по годишнината од скопскиот земјотрес, Шилегов приреди нов земјотрес. Шилегов и СДСМ, кои три години ги лажат скопјани дека ќе го враќале духот на вистинското Скопје, вчера одлучија да се сруши Универзална сала, а за тоа ниту ги прашаа граѓаните, ниту стручната јавност, туку сами на своја рака ставија крај на една сала од која произлегле голем број на таленти, велат тие во соопштението.
Во него се додава дека градоначалникот ги погазил своите ветувања за реновирање на Универзална.
-Симболот на Скопје, салата во која се организирани голем број на приредби, концерти и настани со кои пораснаа десетици генерации оди во историјата со одлука на Петре Шилегов и СДСМ, тоа е спротивно на сите нивни ветувања во предизборните програми дека ќе ја реновираат салата и дека ќе ја подобрат нејзината функционалност. Петре Шилегов станува џелатот на Скопје, не само што не гради ништо ново, туку го руши и она кое некој друг го направил и го оставил на генерациите по него. Со уривањето на Универзална Шилегов го урива и еден од симболите на солидарноста, од која се изгради постземјотресно Скопје. Петре Шилегов и СДСМ само уништуваат и создаваат хаос, пишува во соопштението.
Инаку, конкурсот за избор на идејно решение доаѓа по предлогот на Асоцијалцијата на архитекти, нова концертна сала да се гради на друга локација, зашто постоечката кај Универзална, не ги задоволувала просторните капацитети.
Шилегов вели дека ова е почеток на дебата за локацијата на новата концертна сала, но не и веќе донесено решение за градбата на објектот.