Владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, реагираше на прес-конференцијата на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. Во соопштението што ВМРО-ДПМНЕ го испрати се вели дека Петре Шилегов на трагичен и крајно неинтелегентен начин се обидувал да го испере од срамот неговиот партиски шеф Зоран Заев за скандалозната соработка со странска служба.
-Повторно го повикуваме Јавното обвинителство да откријат од каде се снимките на кои Заев признава соработка со тајна странска служба, дали смее да се објавуваат вакви снимки, кој го сторил тоа и дали е од законски издадени ПИМ мерки или не е, и за што станува збор, е понатаму наведено во соопштението на владејачката партија.
Оваа реакција следи откако денеска Шилегов одржа прес конференција. Тој изјави дека Јавното обвинителство потврдило дека постои кривично дело во коешто е инволвиран лично Никола Груевски и забраната за којашто зборува Јавното обвинителство не се однесувала на доказите со коишто располагал Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коишто ќе биле објавени пред јавноста во Македонија.