ВМРО – ДПМНЕ се огради и ги осуди заканите на Емил Јакимовски, член на опозициската партија вработен во Централниот регистар кој и се закануваше на новинарката на А1.он Мери Јордановска.
Тие тврдат дека поседуваат како што велат, конкретни докази за честа комуникација и контакт на Јакимовски со висок функционер на партијата СДСМ од неговиот роден град Крива Паланка и бараат да се утврди дали зад таквото однесување на Јакимовски не стои координирана акција и уцена од овој висок функционер на СДСМ.
-Тоа што во медиумите се прикажува СДСМ за лажен душегрижник за новинари, а во реалноста висок функционер на СДСМ има честа координација со Јакимовски го покажува лицемерието на СДСМ и нечесните намери. Доказите за таквата координација ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави до МВР, по што ги повикуваме да извршат вештачење на доказите и комуникацијата помеѓу високиот функционер на СДСМ и Емил Јакимовски со цел да се дознае вистината, а од друга страна да се утврди дали станува збор за уцена од страна на СДСМ и нивниот функционер врз ова лице, се вели во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ.
СДСМ ги осуди заканите и вели дека МВР не ги заштитува граѓаните.
– Ниту министерот за внатрешни работи во преодната влада Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ не постапува и не ги заштитува лицата кои трпат закани од Јакимовски. Чулев единствено се занимава со коли за неговиот кабинет и ја загрозува безбедноста. Тоа е доказ дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ работат само за враќање и обнова на криминален, насилнички режим кој се заканува и заплашува. Ништо не е сменето, тоа е истата, нереформирана, режимска ВМРО ДПМНЕ, велат од СДСМ.