ВМРО-ДПМНЕ денеска ги поздрави средбите и телефонските разговори што ги имаше Зоран Заев со челниците на поважните земји од меѓународната заедница на кои доби поддршка за реформите кои вети дека ќе ги спроведува и кои треба што поскоро да резултираат со членство на Македонија во ЕУ и НАТО.
-Сега на потег е Зоран Заев и неговата влада. Сега треба да ја прими поканата за членство во НАТО и датумот за отпочнување на преговорите со ЕУ. Сега веќе никој не може да каже дека проблемот е во ВМРО-ДПМНЕ или нашите меѓународни партнери од ЕУ и НАТО. ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, без можност да одлучува за идните владини чекори, а СДС има мнозинство во Собранието. САД, Германија, Франција, Велика Британија и другите изјавија дека се подготвени да ја поддржат Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО. Заев пред изборите говореше дека во рок од 6 месеци ќе ја добиеме поканата за НАТО и ќе добиеме датум за преговори, нешто што е стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе нема никаков простор да се говори за некакво одмрзнување на замрзнати препораки, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега сè е во рацете на Зоран Заев и нема простор за изговори. Треба да го искористи моментот и да ја внесе земјата во ЕУ и НАТО веднаш, час поскоро. ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот ќе гласа за членство во ЕУ и НАТО.