ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека министерот Дамјан Манчевски признал дека СДСМ години наназад свесно ја лажеле јавноста во врска со бројот на вработени во јавниот сектор.
-Бројот на вработени во јавната администрација е 128.722, а не 180.000 како што СДСМ ги лажеше граѓаните пред изборите. Манчевски се фалеше со прераспоредување на 900 рамковно вработени лица, а не кажа што со 1600 лица кои преостануваат. Манчевски не кажа и дека во изминатиот период владата на ВМРО-ДПМНЕ прераспредели над 4000 лица, со што целосно се ипочитува Рамковниот договор. Тоа се правеше согласно закон, без фанфари, драми и пресконференции. Манчевски презентираше некомплетен извешатај. Во извештајот кој го презентираше Манчевски за првпат во историјата не е вклулчена годишната флуктуација на кадри во текот на годината. Односно бројот на нови вработувања и бројот на престаноци на работен однос. Манчевски не го кажа ова поради фактот што по преземањето на власта СДСМ за само 6 месеци вработи скоро 13.000 лица. За сметка на тоа околу 10.000 лица си заминале од јавната администрација поради мобингот и невидените притисоци кои ги претрпувале од страна на новата власт, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека Манчевски се обидел во вкупната бројка да ги вкалкулира и вработените во приватните агенции и трговски друштво, велејќи дека бројот на вработени е 139.000.
-Ова е спротивно на домашната и меѓународна методологија за пресметка на вработените во јавниот сектор. Манчевски тоа го знае и затоа тивко и во фуснота призна дека вистинската бројка е всушност 128.722 лица, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.