ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција посочи дека министрите на СДСМ ги криеле анкетните листови, а некои дури и доцнеле со пријавувањето на имотот.
„Министрите на СДС се газди на луксузни станови, куќи, хациенди на море и луксузни возила и милиони кои ги заработиле под услови на наводен режим и диктатура“, рече Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа праша како министерот Роберт Поповски се стекнал со имот од над 300.000 евра, како Никола Димитров станал газда на имот од околу половина милион евра кој вклучува стан во Хаг од над 300.000 евра и како Кочо Анѓушев се стекнал со имот од над 28 милиони евра. Праша и како Шекеринска се стекнала со четири стана во, како што рече, време на наводен режим кои чинат неколку стотици илјади евра и сама на себе си плаќа кирија.
„Премиерот Заев под услови на наводен режим според лично признание заработил 6 до 7 милиони евра богатство“, нагласи Колариќ.
Граѓаните, како што рече, ја очекуваат транспарентноста од функционерите на СДС која тие ја ветуваа и очекуваат одговор на прашањата како се стекнале со толкав имот во време на наводен режим.