Економијата во Македонија стагнира, додека низ регионот и низ Европа бележи раст. Заради корупцијата во власта, инвестициите не заобиколуваат и наместо во Република Македонија странските инвеститори се одлучуваат за земјите од соседството, соопштуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ ја зароби државата, а со тоа и целото општествено – економско работење падна на колена. Република Македонија ја заврши 2017 година без раст на БДП. Државата после долг период не бележи раст и тоа е само поради неспособноста на актуелната влада. СДСМ не работи за граѓаните, туку за тесно партиските интереси и елитите од Бихаќка. Секое македонско семејство од почетокот на година е задолжено за нови 1.200 евра. Нов долг има, раст нема. Инвестиции воопшто. Ова го има само во Република Македонија под водство на СДСМ. Власта удри по џебот на граѓаните и тоа не еднаш, туку повеќе пати. Немилосрдното задолжување на идните генерации е пропратено и со покачување на акцизата на нафтените деривати за 3.5 денари. Ова не беше доволен удар по џебот на граѓаните, па власта се реши на покачување на персоналниот данок на доход од 10% на 18%. Или буквално кажано задолжувањето на СДСМ од кое граѓаните немаат никаков бенефит, ќе го враќаат токму граѓаните преку повисоки даноци“, стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ ги покрива фијаското на економски план и целата безидејност со дефокусирање на јавноста преку политичкиот прогон на неистомисленици.
„Секојдневно се пишуваат неиздржани пријави и се изрекуваат неиздржани притвори против поединци само затоа што имаат различни политички гледишта од Зоран Заев. Политичката пресметка и кршењето на процедурите е осудена како од домашните, така и од меѓународните експерти, институции и општествени дејци. Неистомисленици се влечат по притвори и по судови со цел креирање приказна во медиумите која ќе ја дефокусира јавноста од вистинските проблеми и економското фијаско приредено лично од Зоран Заев и СДСМ. СДСМ ја урниса економијата. Државата е заробена, институциите се злоупотребуваат, а законите не важат. СДСМ нема капацитет да управува демократски и во интерес на граѓаните“, пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.