Сведоци сме на една трагикомична ситуација, СДС кои 7 години беа на власт утре организираат протест пред Министерството за образование и наука. Група членови на СДС ќе протестираат барајќи повисоки плати за наставниците. Протестот го организира довчерашниот државен секретар во МОН, Билјана Казанџиска, изјави на прес-конференција, Сергеј Попов, пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
-Трет човек по хиерархија во институцијата, која имала можност да придонесе за подобри плати и услови за работа на наставниците, таа заедно со нејзиниот министер со кого беа во коалиција, не предвидоа средства во буџетот за оваа намена за 2024 година.
Ситуацијата, едноставно опишана е следна – Казанџиска свесно турнала некого на земја и сега му подава рака за да стане, претставувајќи му се како заштитник.
СДС и ДУИ вршат брутална злоупотреба на наставниците организирајќи партиски протест со што докажуваат кој седи позади наводниот синдикат.
Казанџиска е дел од раководството на претходната Влада на СДС и ДУИ која ги угнетуваше наставниците, која не ги консултираше за ниту една промена што предизвикаа тешки штети по македонското образование. Влада која доцнеше со исплатата на платите и манипулираше дека ги зголемува, без да ја споменува високата инфлација која ги изеде платите на сите граѓани, па и на наставниците, реагира власта на најавите на СДСМ дека утре ќе организираат протест за покачување на платата на наставниците.
Тие апелираат до наставниците да не наседнуваат на, како што велат, партиски хушкања. -Да не подлегнуваат на притисоци на опозицијата која 7 години беше власт и не се погрижи да им обезбеди достоинство и пристоен живот.
Актуелната Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ има конкретен план како да го врати дигнитетот на наставниците. Со враќање на девастираните институции во нормала и со креирање на нов буџет за 2025 година кој домаќински и транспарентно ќе се користи, ќе се обезбедат пари за повисоки плати, за подобри услови за работа и за повеќе можности за кариерен и професионален развој, додаде Попов.