Од ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесоа кривична пријава против премиерот Зоран Заев, министерот Никола Димитров, претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и за останатите пратеници кои гласаа за Договорот за името.
Според пријавата поднесена до Обвинителството за организиран криминал и корупција, пријавените се гонат за четири кривични дела, за кои, според Кривичниот Законик, се предвидени високи затворски казни.
Па така, за „Велепредавство“ е предвидена казна затвор од најмалку пет години.
„Тој што со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да го
измени уставниот поредок на Република Македонија или да ги собори
највисоките државни органи, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.
Најмалку пет години се предвидени и за кривичното дело „Загрозување на независноста“.
„Граѓанин на Република Македонија кој ќе ја доведе Република
Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга
држава, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.
За делото „Здружување заради непријателска дејност“ е предвидена казна затвор од една до пет години.
„(1) Тој што создава заговор, банда, група или друго здружение на лица
или организација заради вршење на кривичните дела од членовите 305 до 311,
313, 314, 315, 321 и 322 став 2, ќе се казни со затвор најмалку четири години.
(2) Тој што ќе стане припадник на здружението од став 1, ќе се казни со
затвор од една до пет години“.
Пет години пак се предвидени и за кривичното дело „Злоуотреба на службената положба и овластување“.
„(1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба
или овластување, со пречекорување на границите на своето службено
овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за
себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со
затвор од шест месеци до три години.
(2) Ако сторителот на делото од став 1 ќе прибави поголема имотна
корист или ќе предизвика поголема имотна штета или потешко ќе ги повреди
правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна
корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку
три години“.