ВМРО-ДПМНЕ разгледува опции гласањето недоверба сепак да биде во четврток

by fokus

Откако Скендер Реџепи ја прифати понудата од ВМРО-ДПМНЕ да биде поднесена нова иницијатива за гласање недоверба на Владата без потписите на Левица, во ВМРО-ДПМНЕ ги разгледуваат опциите тоа да се направи без да се одложи датумот на седницата за гласање закажана за во четврток.

Во однос на тоа дали ќе се повлече иницијативата за гласање на недоверба, се разгледуваат опциите кои ќе гарантираат неодложување на точката за гласање, по можност истата да биде во четврток. По консултациите ќе биде известена јавноста, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Фокус“.

Сепак, нејасно е дали воопшто постои таква опција, со оглед на тоа што доколку иницијативата е со други потписи од веќе поднесената (како што бара Реџепи), таа ќе биде нова иницијатива која може да биде поднесена најрано утре.

А, според собранискиот Деловник, за поставеното прашање за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш свикува седница, која се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето, што во овој случај би било сабота.

За седницата за гласање да остане во четврток, тогаш тоа ќе значи дека првично поднесената иницијатива со потписите на Левица, нема да биде повлечена и ќе се гласа по неа. Нешто што не го прифаќа пратеникот Реџепи.

К.С.Б.

Поврзани новости