ВМРО-ДПМНЕ предупредува: Законите донесени на незаконски начин во иднина можат да станат правило

by fokus

Во пресрет на собраниската седница каде се очекува да се изгласа по трет пат Законот за употреба на јазиците, ВМРО-ДПМНЕ апелира до власта да го почитува Деловникот на Собранието и предупредува дека законите донесени на незаконски начин се преседани кои во иднина може да станат правило.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека законот за јазиците треба да се повлече и да се дискутира, оценувајќи го како неуставен, неприменлив и со долгорочен ризик по кохезивноста во Македонија.

„Непочитувањето на собраниските процедури и евентуалното избегнување на амандманска расправа е на штета на Република Македонија. Владата на СДСМ само декларативно се грижи за демократијата, а во пракса работи спротивно, по принципот на тоталитарните режими. СДСМ ветуваше правна држава, а сега врши силен удар врз правото, во Собранието на Република Македонија. Хаосот кој го предизвикува СДСМ во законодавниот дом ќе предизвика сериозни штети на демократијата, но непочитувањето на деловникот и законите ќе предизвика реперкусии кон оној кој ќе ги прекрши“, стои во соопштението што го испрати ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека патриотите кои се спротивставиле на недемократските процеси во Собранието, биле неправедно притворени и со тоа бил извршен силен удар врз демократијата во нашата земја.

„Политичкиот прогон мора да сопре. Беззаконието стана правило за постапување на власта предводена од СДСМ. Единствен начин за враќање на демократијата во Република Македонија, е судовите и институциите да се ослободат од канџите на власта и да работат по закон. Тоа значи и ослободување на патриотите кои што се обвинети во политички монтиран процес“, бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, судовите мораат да ги укинат сите незаконити одлуки, донесени надвор од пропишаните процедури, а нарачтелите и извршителите, соодветно да одговараат.

Поврзани новости