Продолжуваат јавните препукувања меѓу власта и опозицијата за можниот референдум и прашањето за предвремени избори и ниту една од двете страни не попушта во ставовите. ВМРО-ДПМНЕ ја обвини СДСМ дека нема план и стратегија за прашањето за референдумот.
-Тезите на антимакедонската СДС дека народот ги поддржува и е согласен со Договорот со Бугарија се лага. Доказ за тоа е и бегањето од понудата за тројни избори, за и заедно со Референдумот, да се организираат и предвремени парламентарни и претседателски избори, се на еден трошок на државата да се завршат сите три важни операции. Од власта немаат одговор затоа што не им одговараат избори и знаат дека ќе изгубат. Свесни се дека над 60% од Македонците го поддржуваат Референдумот и би излегле на истиот, тие подготвуваат сценарио тој воопшто и да не се случи, рече Миле Лефков – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак претходно истакнаа дека иницијативата за референдум служи единствено за спас на фотелјата на Мицкоски и додаваат дека оваа иницијатива е однапред осудена на неуспех. Според социјалдемократите сега треба да се работи на пребродување на претстојниот кризен период.
-И додека СДСМ презема мерки во интерес на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски по секоја цена продолжуваат со блокадите. Наместо конструктивност ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски со барањата за избори, за референдум се обидуваат да го попречат нормалното функционирање на институциите, на штета на домашната економија, на штета на граѓаните. Нивното такво деструктивно однесување одново ќе биде поразено, изјави Богданка Кузеска – портпарол на СДСМ.
Според преседателот на ДУИ Али Ахмети треба да се почитуваат постигнатите договори кои и обезбедија членство на нашата земја во НАТО и договорите кои и обезбедија на земјата отворање на преговорите за членство во Европската Унија.
-Одржувањето референдум против договор, за запирање на напредокот на земјата кон ЕУ е непродуктивно. Тоа е еднакво на регрес, рече Али Ахмети.