Студентите и високото образование не се приоритет на Владата предводена од СДСМ, обвини денеска на прес конференција Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Доколку владата сакаше да ја подобри состојбата во оваа област, немаше да има ваков однос. Ставија европско знаменце на законот за високо образование, а се покажа дека тоа е само начин да ја забрзаат процедурата, но не и суштински да го подобрат текстот на законот. Како поинаку да се толкува фактот што мнозинството и министерката Рената Дескоска одбиваат да прифатат амандмани со кои се предвидува зацврстување на автономијата на студентското организирање, како и зачувување на студентскиот стандард, рече Андоновски.
Според него, предложениот закон е рестриктивен и недемократски во однос на правата на студентите, студентските избори, односно студентскиот парламент. Вели дека со овој закон универзитетските односно факултетски студентски собранија стануваат тела на универзитетот, факултетот односно високата стручна школа, што, според него е погрешно. Андоновски додава дека со ова се влијае на автономијата и независноста на студентското организирање.