Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пишува дека случајот „Монструм“ е пример за „морбидна кампања на Зоран Заев и поигрувањето со огромни човечки трагедии за сметка на правењето на сопствен маркетинг“.
„Обвинетите за случајот „Монструм“ се на слобода. Исто како што се бараше во платформата потпишана во Тирана. Тие благодарение на поддршката што ја имаат од власта одложуваат судски рочишта тврдејќи дека биле невини, а кој бил виновен не кажува ниту Заев, ниту Фатиме Фетаи која го презеде предметот за масакрот на Велики четврток. Родителите на убиените деца потврдија дека виновниците се оние кои беа претходно осудени“, велат од партијата.
Опозицијата наведува дека родителите на убиените на судењето кажале дека Зоран Заев им покажувал транскрипти од телефонски разговори помеѓу Невзет Бејта тогашен потпретседател на ДУИ и еден од обвинетите Фејзи Азири.
„Пред три недели неделникот „Фокус“ повикувајќи се на извори од истрагата, пишуваше дека во посед на СЈО се 38.000 бомби за убиството кај Смилковско езеро. Овие бомби претходно беа во посед на Зоран Заев. Дали Заев овие бомби и информациите поврзани со Бејта ги користеше при правењето на својата коалиција како вид на уцена за договор? Родителите на убиените на рочиштето кое што требаше да биде почеток на повторното судење, побараа судот стражарски да го приведе Зоран Заев за истиот да каже што знае за случајот. СЈО согласно закон има обврска да го повика Заев во својство на сведок. Имено според член 217 од Законот за кривична постапка како сведоци се повикуваат сите лица, за кои е веројатно дека ќе можат да дадат известување за кривичното дело, сторителот и за други важни околности“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата го повика премиерот Заев да каже која е поврзаноста на Невзат Бејта и фунцкионери од ДУИ со убиството и праша што им кажал тој на родителите и кого штити премиерот.
„Граѓаните очекуваат правдата да излезе на виделина. Враќањето на повторно судење на случајот „Монструм“ е реализирање на Тиранската платформа. Тоа го потврдува и однесување на СЈО, кое почетокот на судското рочиште го презакажа за 15-ти мај, односно за месец дена од сега, во услови, кога за многу помали дела рочиштата се закажуваат од ден за ден, без прекини. Овие изживувања мора да запрат. Граѓаните очекуваат правда и правна држава. Тоа со СДСМ на власт е невозможно. Оваа ненародна власт треба да си замине“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.