„Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со недавање на зелено светло за проширување на уставот односно надополнување на Уставот, всушност ја покажува својата слабост на недостаток на сопствена стратешка идеологија“ – вели во изјава за Фронтлајн, поранешниот амбасадор на Северна Македонија во НАТО, Нано Ружин.
– ВМРО ДПМНЕ колку што знам имал многу свои светли моменти, прогресивни за европеизацијата на државата, но во овој актуелен случај со недавање на зелено светло за проширување на уставот, односно надополнување на Уставот, всушност ја покажува својата слабост на недостаток на сопствена стратешка идеологија. Ни СДСМ не може да се пофали со некоја развиена идеологија, бидејќи сè се сведе на практицизам, на праксиологија. Меѓутоа во случајов сепак, ВМРО-ДПМНЕ е против уставните измени, а вообичаено во политиката кога сте за нешто против, мора да кажете зошто и што предлагате, значи за нив единствената алтернатива се предвремени парламентарни избори. Кога би имале еден народ со висока политичка културна свест, никогаш не би прифатиле да гласаат, се разбира освен овие што се членови, за таква политичка партија, нагласи Ружин.
Кратко, јасно и недвосмислено, американската амбасадорка Ангела Агелер, во интервју за Канал 5, изјави дека подобра рамка за преговори не е можна и дека тврдењата дека некој може да го репреговара договорот и дека е можен подобар договор – се лажни вести.
„Лажна вест е тоа дека некој може да го репреговара договорот постигнат минатото лето. Тоа е лажна вести. Исто така, лажна вест е дека е можен подобар договор кој сè уште не сме го откриле“, рече американската амбасадорка.
Неодамана евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека доколку се спроведат уставните измени, тогаш следниот чекор ќе се случи автоматски, без можност за вето и дополнителни одлуки.
– Гледаме дека во земјата има голема поларизација меѓу политичките партии. Скоро сите политички партии јавно кажуваат и повторуваат дека се посветени на патот кон Европската Унија. Сепак, кога се работи за практична соработка, да речеме околу законодавство, со што земјата би напредувала и би било од корист за граѓаните, таа соработка не ја гледаме, нагласи Гир.
Инаку, рекордни 81,10 проценти од македонските граѓани доколку се одржи утре Референдум за членство во Европската унија би гласале Северна Македонија да стане членка, а само 11,20 проценти би гласале против.
Ова го покажуваат податоците од објавеното Европско општествено истражување, кое беше презентирано во април 2023 година, во кое за првпат учествуваше и Северна Македонија. Станува збор за голема компаративна анкета која се спроведува повеќе од 20 години во Европа. Последниот бран од истражувањето беше спроведено на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје, преку теренска анкета на примерок од 1.429 испитаници. Во последното истражување ставовите на македонските граѓани се споредуваат со ставовите на 24 европски држави.
– Исто така истражувањето покажува дека Во Северна Македонија има поголемо расположени да се биде дел од ЕУ отколку во Швајцарија и Норвешка, поточно компаративната анализа покажува дека доколку утре се одржи референдум во врска со членство во Европската Унија, само 12 проценти од жителите на Швајцарија би гласале за, односно 22,90 проценти од жителите на Норвешка. Исто така истражувањето покажува дека во Србија е многу помал процентот на желба за членство во ЕУ, поточно само 46,40 проценти од граѓаните се за, додека пак 36,90 се против.
Од друга страна ако нема уставни измени Северна Македонија не може реално да ги започне преговорите за влез во ЕУ и ризикува да се одвои од Албанија, порача бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е известувач во Европскиот парламент за Северна Македонија.
„Без промена на Уставот, Република Северна Македонија навистина не може да почне да преговара со ЕУ“, изјави бугарскиот европратеник на 9 август во интервју за БГНЕС.
Тој предупреди дека доколку Скопје не ги направи овие промени во блиска иднина, ќе се одвои од Албанија на патот кон ЕУ. Така, Северна Македонија ќе остане во една група со Србија, Косово, Босна и Херцеговина.
Уставот на Северна Македонија како највисок правен акт на државата е донесен на 17 ноември 1991 година и досега има претрпено осум измени со 36 амандмани.