ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 400 амандмани против разрешувањето на Зендели од БЕСА

by Fokus

Собранието денеска треба да го одржи продолжението на 64-тата седница на чиј дневен ред е Предлог одлуката за разрешување членот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Фадил Зендели од БЕСА, поднесена од пратениците Талат Џафери, Јован Митрески, Горан Мисовски, Диме Велковски, Снежана Калеска Ванчева, Дарко Каевски, Даниела Николова, Боби Мојсоски, Панчо Минов, Марија Георгиевска и Жаклина Лазаревска.

Над 400 амандмани предложила опозициската ВМРО-ДПМНЕ и десетина од Беса против разрешувањето на членот на Комисијата за избори и именувања Фадил Зендели се веќе поднесени во Собранието.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Џафери веќе им навестил дека амандманите ќе ги отфрли бидејќи не била запазена процедурата при поднесувањето, но опозицијата чека допис од претседателот со образложение зошто се одбиени.

-Џафери усно ни кажа дека амандманите не биле поднесени како што треба. Чекаме писмено да ни образложи зошто амандманите ќе ги врати за да може да му одговориме. Ќе видиме, како ќе дејствуваме, власта го поларизира Собранието и на сила ја тера работата со разрешувањето на Зендели. ВМРО-ДПМНЕ нема да го напушти Собранието, нема да и дозволиме на власта бришан простор за носење закони, но на координациите кај Џафери повеќе не одам. Нема потреба да учествувам на координации за да легитимирам приватна забава на власта – вели Мицевски.

Поврзани новости