ВМРО-ДПМНЕ до Основното Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја поднесе кривичната пријава за повеќе од 200 лица, претседатели, членови и нивни заменици на избирачки одбори во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње и Сарај. Од партијата објаснуваат дека пријавите се со основано сомнение дека на изминатиот референдум над 50.000 гласови биле злоупотребени во текот на референдумот, но и заради грубо полнење на кутии.
-Почитувани, оттука е и потребата за смена на Републичкиот Јавен обвинител Љубомир Јовески, што е неминовност заради неговото нестручно и несовесно работење, односно неработење со што прави злоупотреба на службена должност. И за тоа ќе одговара. Почитувани, Републичкиот Јавен обвинител, Јовески мора да замине заради демократијата во Република Македонија. Референдумот и во кампањата и на денот мина во најнедемократска атмосфера, со поткуп, уцени, закани, лажење и лажно претставување преку кол-центри, до полнење на кутии на денот на референдум. За сето ова време, Јовески не мрдна со прст, чекаше и чека поднесување на претставки или кривични пријави кои потоа ги става во фиока, чекајќи да мине референдумот, оставајќи го референдумот да се одвива во иста криминална атмосфера. Денеска слушнав дека од ЈО рекоа дека наводно „будно ги следеле прес конференциите“ и дека „се’ што ќе биде доставено ќе процесирале“. НЕ. Ова не е одговор кој што треба да дојде од Јавно Обвинителство, и тоа не е одговор кој што го амнестира Републичкиот Јавен обвинител, Љубомир Јовески, велат од ВМРО-ДПМНЕ.