Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерепелација за министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска поради тоа што министерката не ги консултирала граѓаните при формирањето на стратегијата за мигранти и бегалци.
Граѓаните не се запознаени со стратегијата, а општините се ставени пред свршен чин, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.
-Министерството ниту ги консултираше граѓаните, ниту општините, а тука ваков стратешки долгорочен документ за иднината на Република Македонија се протуркува без одобрување на граѓаните. Станува збор за стратешки документ за идината на Македонија, за проекти кои ќе значат енормни трошоци во милјарди евра во наредните десет години, во делот на сместување, градење згради и населби за мигрантите, онака како што пишува во нивната стретегија. Енормни трошоци за вработувања, за социјални програми, средства што ги немаме – рече Ѓорчев.
Од Министерството, пак, вчера ги демантираа информациите од оваа партија дека стратегијата предвидува изградба на станови за бегалците.
„Лажна вест е дека државата ќе гради станови за бегалците и дека тие ќе останувале во Македонија. Во Република Македонија нема да се градат кампови за бегалци, нема да се даваат државјанства за бегалци, ниту пак ќе се активираат некои други мерки во таа насока.Република Македонија е држава која е транзитна станица на бегалците. ‘Предлог Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027’ е продолжение на иста таква стратегија за периодот 2009-2015 година, донесена од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ“, реагираа од министерството.