ВМРО-ДПМНЕ бара увид во тоа што премиерот Зоран Заев го договорил при посетата на Софија, Бугарија, соопшти денеска поранешниот претседател на Собранието на Македонија, Трајко Вељаноски.
„Македонскиот народ бара увид во содржината на договорот која што Заев се согласил да ја потпише. За нас е разбирливо соседна Република Бугарија да има свои интереси и нив да ги брани и застапува. Тоа што не можеме и нема да го прифатиме е Зоран Заев сам да одлучува за темите кои се од интерес, а пред граѓаните ветуваше инклузивност и дебата за многу понесуштински прашања“, рече Вељаноски.
Тој предупредува дека „етногенезата на македонскиот народ е посебна и затоа е исклучително опасно да се говори за ‘заедничка историја’“.
„Прашањето за заедничката историја секогаш било една од најголемите пречки при постигнување на договорот со соседна Бугарија. Второто прашање кое исто така било камен на сопнување е прашањето за немешање во внатрешните односи на земјите. Имено, Бугарија инсистирала во договорот таа обврска да стои само за Република Македонија. Дали е ова прифатливо за Зоран Заев и СДС“, праша Вељаноски.
Третото покрупно прашање, спорд него, е прашањето на јазиците на кои би се потпишал договорот. ВМРО-ДПМНЕ инсистира дека македонскиот јазик мора да биде експлицитно наведен.
„Граѓаните во моментов немаат ама баш никаква информација што договорил Зоран Заев, што е срамно и неприфатливо“, додаде Вељаноски.