Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл порача дека опозициската ВМРО ДПМНЕ не го помина тестот на зрелоста на референдумот за Договорот со Грција. Тој оценува дека однесувањето на оваа партија, заедно со претседателот Ѓорѓе Иванов, всушност крие обид да се заштитат оние кои го прекршиле законот.
-Има и неколку работи што не се транспарентни. Ми се чини дека ВМРО-ДПМНЕ со своето тактизирање сака да ги заштити луѓето кои го прекршиле законот, против кои има истраги и судски постапки, изјави Вајгл.
Тој ја потсетува партијата дека за ЕУ тие прашања мораат да останат во рацете на судството, бидејќи “корупцијата и кршењето закони и насилството во Собрание не можат да се стават на страна.“
Известувачот за Македонија жали што опозицијата и претседателот Иванов не ги ставаат интересите на државата пред оние на партијата.
-Мислам дека ВМРО падна на тестот на зрелоста и дека тој ангажман на ВМРО и на претседателот не може да се оправда со некои опортунистички аргументи, кои се однесуваат само на односи на сила во политика, а не на иднината на земјата. Кога го создававме Пржинскиот договор сите партии се обврзаа да ги стават своите интереси во заднина и дека ќе се посветат на иднината на земјата, вели Иво Вајгл.
Според него Премиерот Зоран Заев има легитимитет да продолжи со барање мнозинство за уставните измени во Собрание, и фокусот го става на оние кои кажале “да“, а не на бојкотот.
– Фактот што повеќе од 90 отсто од луѓето сметале дека треба го кажат своето мислење за иднината на Македонија е обврзувачки, вели известувачот.
Тој додава дека иако сценариото за предвремени избори не е најпожелно за ЕУ тоа останува легитимна демократска алатка.
– Јас верувам дека има доста време и за едно и за друго (уставни измени или избори, нз), и дека треба да се води сметка за партнерот, грчката Влада, бидејќи и таа има временски рокови, што значи дека не смее да се чека на нова влада во Грција. Сѐ треба да се заврши во мандатот на сегашната влада. На крајот, сѐ уште, сум оптимист дека ова добро ќе заврши за Македонија, изјави Вајгл за МИА.
Референдумот, вели тој, покажа дека Македонија е поделена земја и дека партиите не успеваат да изнајдат компромис. Тој смета дека другата важна порака од овој процес е дека ЕУ, НАТО и меѓународната заедница треба да и посветат поголемо внимание на Македонија.