13-ти ден не работат операционите сали на Хирургија, a СДСМ и ДУИ го оставаат здравството во хаос, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку утринското соопштение.
Според партијата која ќе ја предводи идната влада, десетици и стотици пациенти се препраќаат по другите болници во Скопје затоа што Хирургија на Клинички не работи, а од пред 2 дена апаратите за компјутерска томографија и РТГ исто така не работат.
-И додека Клинички колабира, најмалку петмина од раководството и администрацијата на Хирургија, меѓу кои и Адмир Дајоски економскиот директор на Торакална, среде хаосот заминале на патување на Азурен Брег, критикуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, затворените хируршки сали на Клинички двојно го зголемија бројот на итни случаи во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“. Во последните 10 дена извршени се 150 ургентни операции.
Некаде пред 30 години се градени салите и тогаш е поставена инсталацијата за снабдување со кислород. Точно 30 години е компресорската станица.