Во обид за спас на договорот од Пржино и излез од политичката криза, лидерите на четирите политички партии ќе седнат на преговарачка маса, во петок во Виена.
Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека ќе присуствуваат на состанокот, но не посочија кои функционери ќе бидат членови на делегацијата.
Од СДСМ пак, информираат дека почнуваат широки консултации во рамките на коалицијата, но и со невладините организации кои се дел од движењето „Протестирам“.
Конечната одлука дали воопшто ќе се учествува на разговорите во Виена и со каква агенда, ќе била донесена деновиве по консултации со политичките партнери и со невладините организации.
На средбата, ќе присуствуваат еврокомесарот Јоханес Хан, тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит, како и амбасадорите на ЕУ и на САД во Македонија, Аиво Орав и Џес Бејли.
Најавата за состанокот доаѓа по крајно спротивставените ставови на двете најголеми македонски политички партии во врска со одржувањето на предвремените избори и особено по последната акција на претседателот Иванов и неговото помилување на лица за кои допрва треба да се води истрага.
Делегацијата на ЕУ во Скопје информира дека целта на средбата е да се разговара за начините за решавање на кризата и да се обезбеди понатамошната примена на договорот од Пржино и реформските приоритети.