Катица Јанева, под заштита на Зоран Заев, била дел од милионска рекет шема, но и го злоупотребувала буџетот на СЈО за плаќање на роднини и пријатели, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ, преку партиско соопштение.
-Катица Јанева и нејзините блиски, може да се вбројат меѓу најбогатите во Македонија. Октоподот на Заеви пуштил пипци низ целото општество, а дел завршуваат со фамилии блиски до нив.
Јанева го вработила својот роднина Вили Јанев, кој од шофер на гевгелискиот суд станал нејзин шофер и затоа му дала 30.000 евра. Јанева на платен список ја ставила и неговата ќерка, Слободанка Вили Јанева – 1.600 евра, која иако подолг период живее во Америка, земала пари од СЈО.
Јанева од СЈО одвоила пари и за Вилма Петкова, сестра на нејзината поранешна колешка и претседателката на Судот во Гевгелија, Злата Попова, на која и дала 15.000 евра.
Најпознат пример за непотизмот на Јанева е Ѓорге Делиџаков, внук од сестра, на кого му дала 28.000 евра.
Јанева се погрижила и за Методи Цилков, сопруг на директорката на психијатриската болница во Гевгелија, Љуба Цилкова, која го издаде боледувањето на Катица Јанева. Тој од Јанева добил 26.000 евра.
Од СЈО земале пари и Драгица Аврамчева, ќерка на Кети Аврамчева, директор на ООУ „Владо Кантарџиев“, која добила 30.000 евра, како и Илија Аврамовски, инспектор во МВР Гевгелија, чија сопруга, Јасминка Аврамска, е командир на ПС Богородица. На него Јанева му дала неверојатни 59.000 евра.
Од буџетот на СЈО имало и за Наташа Олумчева, снаа од брат на поранешниот функционер на СДСМ, Саше Олумчев, која земала 15.000 евра. Бидејќи списокот на роднини очигледно го исцрпила таа го плаќала и Ѓорге Тулупов, другар на нејзиниот син Лазар Јанев, кој земал 24.000 евра.
Ова се класични злоупотреби на службата и парите на граѓаните. Не само што ги ограбила бизнисмените, таа ги ограбила и граѓаните и од нивните пари плаќала роднини и пријатели.
Безредието и апашлукот мора да запрат. Сите незаконски дејанија ќе бидат санкционирани по 12 април, кога ќе се врати правната држава, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.