ВМРО – ДПМНЕ: Очекуваме Вашингтон да ги осуди повиците за насилство на конгресменот Рохрабачер

by fokus

ВМРО – ДПМНЕ очекува Вашингтон најостро да ги осуди повиците за насилство и изјавите за промена на границите искажани од американскиот конгресмен Дана Рохрабачер во интервју за медиум од Тирана, се вели во изјава од ВМРО – ДПМНЕ за „Фокус“.

Во интервју за „Визион плус“ конгресменот рекол дека „ создавањето на македонската држава е пропаднат проект и дека се создадени сите околности, нејзините делови да им се доделат на соседните држави, вклучуваќи го Косово и Бугарија. Тој уште додал дека има влијание во надворешната политика што ќе ја води новиот претседател Доналд Трамп со оглед на тоа што е претседател на Комитетот за надворешни работи.

„Не знаеме колку е свесен конгресменот за негативните последици, вознемиреноста и поттикнувачкиот ефект од неговите изјави врз радикалните структури во регионот кои посакуваат немири и конфликтни ситуации. Во секој случај, очекуваме официјален Вашингтон најостро да ги осуди овие повици на насилство, зошто не гледаме како поинаку би се оствариле мечтите на конгресменот за промена на границите. Во овој момент е најпотребно тоа да наиде на осуда и да се упатат јасни и недвосмислени пораки за мир и стабилност во Европа“, вели Иво Котевски, портпарол на ВМРО – ДПМНЕ за „Фокус“.

Тој потенцира дека „со оглед на важноста на американската политика за регионот, неопходно е да се дејствува на линија на заедничките интереси и во согласност со Американско – македонската декларација за стратеско партнерство од 2008 година.“

Претходно реагираше и МНР барајќи од Стејт департментот да искаже став за вознемирувачките изјави на конгресменот Дана Рохрабакер.

Конгресменот во посоченото интервју тврди дека има влијание врз американските политичари и потенцира дека е претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом што се занимава со тој дел од светот.

„Ќе имаме седници во наредните месеци. Едно од прашањата за кои ќе разговараме е промената на границите, со цел тие да имаат смисла и да донесат мир на Балканот. Мојот став е дека Македонија не е држава. Жал ми е, но не е држава. Тие се толку поделени што никогаш нема да бидат во можност да одат добро заедно. Затоа Косовците и Албанците во Македонија треба да биде дел од Косово, додека другиот дел на Македонија треба да стане дел од Бугарија или со било која друга земја за која тие тврдат дека се поврзани. Идејата е дека ние сакаме да ја држиме Македонија во живот, бидејќи некој пред 30 години одлучил дека тоа е конфигурација која треба да произлезе од растурањето на Југославија, но тоа нема да доведе до образложение дека оваа идеја се уште држи“, изјавил американскиот конгресмен.

Поврзани новости