ВМРО-ДПМНЕ обвинува за корупција: Владата ќе дели половина милион евра за здруженија, а отчет ќе му даваат на Рашковски

by fokus

Не застануваат коруптивните дејанија на власта на СДСМ, преку злоупотреба на државната каса, од позиција на техничка влада, во време на вонредна состојба, а во насока на претстојните парламентарни избори, обвини денеска Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Вчера, во сабота, додека граѓаните стравуваа за бројката од стотици новозаразени од Ковид- 19 вирусот, Владата на СДСМ објави оглас за грантови за невладини организации за вкупно 30 милиони денари!

Внимавајте, среде криза, половина милион евра за невладини организации, здруженија и фондации за проекти за спречување на ширењето на корона вирусот! И внимавајте, сите оние кои што ќе добијат пари, од 600 до 900 илјади денари, отчет ќе му даваат на Драги Рашковски, генералниот секретар на владата на СДСМ! И внимавајте, огласот трае само пет дена!, рече Стоилковски.

Тој досдаде дека овој итен оглас, во многу нешта бил спротивен од Кодексот за добри практики за финансиска поддршка на организации и фондации од 2007-та година.

-Членот 4 од Кодексот предвидува дека: Програми за финансиска поддршка на организации и фондации се носат во рок од 30 дена од донесувањето на Буџетот за тековната година. Во случајот тие 30 дена се далеку поминати.

Во Кодексот е предвидено дека рокот за доставување на проектите не може да биде пократок од 30 дена од денот на објавувањето на јавниот повик. Во случајов, дадени се 5 дена, од кои првиот ден е недела, празник и полициски час!

Според Кодексот предвидено е да можат да аплицираат организации регистрирани најмалку една година до објавувањето на огласот, а во овој оглас од Владата предвиделе да можат да аплицираат невладини организации регистрирани најмалку 2 години претходно.

Исто така, согласно Кодексот, треба да се овозможи поставување на прашања за апликациите, а со оглед на краткиот рок, тука тоа не е возможно, истакна портпаролот.

Тој наведе уште неколку, според него, посуштински прашања од аспект на можната корупција.

-За одлучување по поднесените проекти од НВО-ции треба да се формира комисија. Тоа го предвидува членот 5 од Кодексот. Но во овој случај, никаде нема информација: кога е формирана комисија, и доколку е формирана кој се’ е член во комисијата и на кој начин се избрани членовите на комисијата?

Огласот почитувани, зафаќа повеќе области, од информирање и едукација за заштита, до помош на лица. Но, има и многу спорни моменти. На пример, внимавајте:

-Набавка и дистрибуција на хуманитарни пакети за социјално ранливите категории на лица.

Дали ова значи дека и невладината на Зоран Заев, онаа што делеше пакети среде полициски час, непочитувајќи ниту една мерка за безбедност и заштита на граѓаните, може добие буџетски пари за да продолжи со изборниот поткуп?

Понатаму, се вели – „Директна поддршка за ранливи категории на работници кои што се дел од неформалната економија и немаат можност за искористување на мерките на Владата за финансиска помош“.

Внимавајте, според она како што го нарекуваа вториот голем пакет мерки, истакнуваа дека се грижат и за оние од неформалната сивата економија, односно обезбедуваа надомест, па во овој дел од огласот каде што се вели „и немаат можност за искористување на мерките“ го наметнува и прашањето, дали биле лаги зборовите за можноста за мерките со кои што се фалеа?, рече Стоилковски.

Тој заклучи дека станува збор за отворен поткуп, дека проектите се веќе напишани, а парите распределени за однапред познати добитници на грантовите. Затоа ја повика Антикорупциска да се произнесе.

-Ова е скандалозно однесување во време на криза, ова е скандалозно однесување во време на економски колапс и задолжувања на граѓаните, да се делат половина милион евра преку сомнителна владина одлука, ова е скандалозна владина одлука во период на полициски час, и уште повеќе скандалозна одлука на владата која треба да спроведе услови за фер демократски и кредибилни избори.

Поголема епидемија од Ковид-19, поголема епидемија од короната е епидемијата на отворен изборен поткуп вршен од СДСМ!

ВМРО-ДПМНЕ е различно од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ има морален кодекс наспроти неспособноста и криминогеноста на СДСМ. Со СДСМ и со Зоран Заев, Македонија тоне во криминал, добивме хибриден режим, неспособност и сиромаштија. Но на тоа му се гледа крајот, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости