Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите обвини дека Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев изнудил 250 илјади евра од компанија од Битола која добила тендер за ископ на јаглен од РЕК Битола.
Според Мицкоски, за случајот признание имало и од сопственикот на компанијата „Рубитон“ Битола, којашто го добила тендерот по регуларен пат. Опозицијата тврди дека директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски го контактирал сопственикот на компанијата и го принудувал се откаже од тендерот за тој да се предаде на СВ Инвест на Столе Чифлигароски. Откако сопственикот на битолската фирма рекол дека нема правна можност за тоа, Вице Заев ги контактирал сопствениците на фирмата.
-Побарувањата биле Рубитон да ја сработи работата, а 250 илјади евра да припаднат на Вице Заев, во кеш. Таа сума била многу поголема од можната заработувачка. Сопствениците на Рубитон на повиците на Горан Крстев не се одѕиваат, по што Вице им се заканува дека ќе ја загубат работата. По низа лавиринти, компанијата ја губи работата од РЕК и трпи штета од 30 милиони денари, за што своевремено и ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше јавно на прес-конференции за насилно внесување на фирмата СБ Инвест во Комбинатот, рече Мицкоски.
Тој исто така обвини дека иако оштетените го пријавиле случајот во полиција, делот каде што се споменувал Вице Заев мистериозно исчезнал.
– Оштетените пријавуваат во полиција, по што била изготвена пријава до ОЈО потпишана од Лазе Велковски. Но, тука има еден интересен момент, мистериозно исчезнува делот во пријавата каде што се спомнува Вице Заев. Имаме информација дека Лазе Велковски веднаш изработил нов документ и таму го изоставил делот каде што се спомнува братот на премиерот, но заборавил штембилот да го стави на истото место како на оригиналот. Тоа е дополнителен скандал и говори за спрега меѓу ОЈО и Вилма Рускоска, МВР, Лазе Велковски и кадрите на Оливер Спасовски, тврди Мицкоски.
-Тоа е дополнителен скандал и говори за спрега меѓу ОЈО и Вилма Рускоска, МВР, Лазе Велковски и кадрите на Оливер Спасовски. Случајот е ставен во фиока, додаде Мицкоски.