Вчера Саша Богдановиќ беше во кафеана, го служеа келнери, додека сите останати се под клуч и полициски час. Ова е матрицата на СДСМ за непочитување на закони, Заев отвора хотели само за него, а Богдановиќ кафеани, вели Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова вчера беше брутално газење на законите од најверниот слуга на Заев, Богдановиќ.
Саша Богдановиќ, доколку имаше малку кредибилитет оставка требаше да дадеш уште вчера, но и сега не е доцна. Додека ти вчера кршеше полициски час и кафеана работеше само за тебе триесетина луѓе починаа од КОВИД-19.
Аздисаноста на власта е шамар за граѓаните. Оваа аздисаност се случува додека близу 150.000 луѓе се заразија од КОВИД-19, над 4.600 ги загубија сопствените животи, 60.000 останаа без работа, 6.200 фирми се затворија. Оваа аздисаност е додека Македонија тоне заради нивната неспособност.
Саша Богдановиќ да си напише оставка веднаш. Доколку имаше морал тоа ќе го стореше уште синоќа, но денеска е веќе обврска.
Заради нереагирањето на институциите и обидот да се релативизира овој скандал, и да нема одговорност како што би имало кога се работи за секој еден друг граѓанин, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Саша Богдановиќ, за кршење на протоколите и законите“, додава Стојановски.
Од друга страна, првиот човек на Општина Центар преку социјалните мрежи ги демантираше овие изнесени информации.
„Целосно ги отфрлам и демантирам информациите дека во текот на изминатиот ден сум седел во кафани за време на полициски час и сум прекршувал закони. Во текот на вчерашниот ден, сместував гости во хотел дојдени од Белград и кошаркарот на Работнички кој е најновото засилување во нашиот клуб. За сето сместување и престој поседувам документација и сведоци. За да се расчисти целиот случај и да се докаже вистината сите аргументи ги доставив до сите надлежни органи. Воедно барам извинување за напишаните текстови во рок од 24 часа и објава на мојата реакција. Во случај да не се случи тоа ќе покренам граѓански спор“, вели Богдановиќ.