Полициски час, без стратегија за спречување на ширење на ковид-19, односно без протоколи и вакцини, нема да ги даде посакуваните резултати, смета опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, новиот бран на ковид-19 неконтролирано се шири во земјава.
-Македонија е во тотален хаос. Нема ни стратегија, ни цел, ни протоколи, ни вакцини. Новиот бран од епидемијата од ковид 19 неконтролирано се шири, а неспособната власт на Заев нема ниту план да го спречи. Во отсуство на јасни протоколи и заштита на граѓаните, власта посега кон воведување на полициски час како единствена мерка. Тоа само дополнително ќе ги зголеми метежите во јавниот превоз, шалтерите и институциите, а ефектите ќе бидат безначајни, се наведува во соопштение што ВМРО-ДПМНЕ го лиферува додека трае состанокот на Комисијата за заразни болести за евентуални нови рестрикции.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека власта нема набавено вакцини и затоа сме на 118. место по број на вакцинирани во светот според Блумберг. Истовремено, додаваат, сме на 7. место по смртност и во такви услови власта рганизира попис кој уште повеќе ќе ја влоши епидемиолошката слика.
-Вака како што наумил Заев, а Филипче и Комисијата како што спроведуваат, само ќе се влошува состојбата. Економијата во државата, здравјето и животите на граѓаните и понатаму ќе останат жртвите на хаосот кој го создава власта на Заев со нивните стихијни и недоволно планирани мерки, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.